Одборот за доделување награди на Општина Кочани го објави јавниот повик за доставување предлози за доделување Награда за значајни остварувања за развојот на општината и Награда за животно дело.

Според повикот, Наградата за значајни остварувања за развојот на општина Кочани се доделува на поединци, група творци, екипи, установи, трговски друштва и здруженија на граѓани.

Наградата за животно дело се доделува за постигнати исклучителни разултати и остварувања во областа на науката, иноваторството, уметноста, стопанството и во другите дејности од јавен интерес, по претходна оцена на Одборот за доделување награди на Општина Кочани.

На 11. седница, Советот на Општина Кочани донесе одлука со која Наградата за значајни остварувања, која беше парична, во висина од пет просечни плати во Република Македонија, да биде во форма на плакета која претставува стилизирана изработка на оризова ракатка во изведба бело злато на темно црвена кадифена основа, на А-3 формат.

Јавниот повик е отворен до 30 јуни.

Одлуката за добитници на општинските награди ја донесува Одборот, кој од 30 мај е со нов состав во кој влегуваат: градоначалникот Николчо Илијев, членовите на Советот Емилија Серафимова, Ѓорѓи Алексов и Кирил Ѓеоргиев и тројца афирмирани граѓани: Вита Ковачева, Кристина Атанасова Арсова и Славчо Ивановски. Претседателка на Одборот е Емилија Серафимова.

Наградите се доделуваат на свечената седница на Советот на Општината, по повод Петровден, Празникот на Кочани.