Од вторник, 5 март, комуналните служби во општината ќе започнат со отстранување на дел од постојниот дрворед и ќе засадат нови садници на тротоарот кај Основното училиште „Малина Попиванова“.

Конкретно, станува збор за отстранување на шест дрвја чии површински корени го подигнуваат нивото на тротоарот, кој долго време е распукан и претставува опасност при движењето на пешаците. Службите од Работната единица „Градско зеленило“ при КЈП „Водовод“ ќе ги отстранат таквите дрвја, а на нивно место ќе засадат нови.

Според информациите на општинскиот комунален инспектор Александар Велков, широчината на пешачката зона долж булеварот „Тодосија Паунов“, на одредени локации дозволува да се засадат уште шест нови садници, паралелно со досегашниот дрворед, со цел да се зголеми зелената маса во градот. Истовремено, на овој дел на градот, Секторот за уредување на градежно земјиште во Општина Кочани планира и преуредување на тротоарот со нов бехатон од крстосницата кај „Македонска“, на влезот на Усова Чешма, па надолу.

Комуналното јавно претпријатие „Водовод“ најавува дека наредниве денови нови дрвца ќе се засадуваат и на „Кеј на Револуцијата“, на улицата „Борис Трајковски“, во Градскиот парк, кај детските игралишта на „Роза Петрова“ и „1 Мај“ и на  „Глигор Апостолов“ спроти ОУ „ Свети Кирил и Методиј“.