Заврши проценката на пазарната вредност на недвижниот имот што се наоѓа на улицата „Стево Теодосиевски“, поранешна „Ленинова“,  што со јавна набавка ја побара Општина Кочани за отпочнување на постапка за трајна експропријација на имотот на потегот од Двојниот мост кон запад, до спојот со улицата „Глигор Апостолов“.

Според законски пропишаната Методологија за процена на пазарната вредност на недвижен имот,  е извршена процена на вредноста на градежно земјиште и процена на вредноста на објектите.

Според проценката, вкупната пазарната вредност на сите делови од градежното земјиште, како и вредноста на постојните објекти, изградени врз земјиштето со запишани сопственички права што ќе биде предмет на експропријација, изнесува вкупно 6,4 милиони денари. Доколку во текот на постапката сопствениците на објектите за кои не се запишани сопственички права ќе докажат дека се стекнуваат со право на надомест и за изградените објекти, вкупната пазарна вредност ќе изнесува 7,1 милион денари.

Вкупната проценета површина изнесува 9 765 метри квадратни, на која има вкупно 30 парцели од кои девет се државно земјиште, а на останатите 21 се евидентирани 29 сопственици.

Врз основа на извршената проценка и изработениот Геодетски елаборат за експропријација, ќе се покрене постапка за експропријација и одземање на корисничкото право на сопствениците.

Уредувањето на овој потег, кој сега е исполнет со трошни, голем дел напуштени и малку функционални објекти, ќе придонесе кон подобрување на изгледот и функционалноста на значаен дел од централното градско подрачје. Согласно Генералниот урбанистички план на Кочани, на овој потег е планирана изградба на улица со булеварско решение,  за што веќе се работи на подготовка на проект за инфраструктура и основен проект за изведба.

Наскоро се очекува да се изврши проценка за експропријација и на преостанатиот дел на улицата „Стево Теодосиевски“ до спојот со улицата „Димитар Влахов“.