Шеснаесетте дена, помеѓу 25 ноември и 10 декември се само симболичен број за период во кој се јакне свеста за заштита и спречување на родово базираното насилство. За искоренување на насилството нема време за молчење ни простор за негрижа. Токму затоа Општина Кочани, во пресрет на 10 Декември, Меѓународниот ден на човековите права, испраќа порака за нулта толеранција и спречување на насилството, пријавување и поддршка на жртвите.

Општинските служби коишто работат на терен, со проектни и редовни активности за социјална поддршка на одредени целни групи, детектираат проблеми поврзани и со насилството врз жени и девојчиња, што помага тие да проговорат за насилството. Освен тоа, за поширокото подрачје во Кочанско фунционира и телефонскиот број 072 243 782  на кој може да се пријави насилство и да се побара заштита.

Според статистичките податоци од надлежните служби, во споредба со минатата година, бројот на жртвите на семејно насилство не расте, но јакне свеста за пријавување на насилството. Покрај жените, како најчести жртви на насилство, социјалните служби регистрираат и насилство врз деца, како индиректни жртви, но и пријави од нив.

Во рамките на активностите за борба против насилството, в недела, на 12 декември во 12 часот во Градскиот парк во Кочани, ќе се одржи настан со кој ќе се даде поддршка на жртвите на семејно насилство.

Со соодветните програмски активности за наредната година, Општина Кочани планира едукативни активности за осознавање и јакнење на свеста за нетолеранција на насилството во семејствата, училиштата, институциите, на работните места, на интернет, во медиумите и на јавните простори. Целта е секој да има место во заедницата каде ќе се чувствува безбедно и сигурно.