Најкритична е состојбата во селата Горни и Долни Подлог каде водата направи голема штета во домаќинствата, посевите, складираната сточна храна во амбарите.
Од синоќа градежна механизација од КЈП „Водовод“, Водостопанство „Брегалница“ и избран изведувач од Општина Кочани ги расчистува каналите и прави прекопи со цел водата да се пренасочи од куќите и дворовите.
– Сета вода од Оризари, Слатина, Усова Чешма и стариот индустриски дел се слеа во најниската точка во Кочанско, селата Горни и Долни Подлог. За да овозможиме брзо истекување, го пресековме патот кон селото Мојанци. Со интервенциите продолжуваме и понатаму. Граѓаните можат да поднесуваат барања до Општина Кочани за утврдување на штетата што ќе ја проценуваат соодветни комисии – соопшти Николчо Илијев, градоначалник на Кочани.
Освен во селата, поројните врнежи предизвикаа оштетување на дел од градската водоводна мрежа во Кочани, поради што неколку часа без вода за пиење останаа жителите на западниот дел од градот, како и селото Бели.
Екипи на Територијалната противпожарна единица испумпуваат води од централното градско подрачје, а службите на „Водовод“ продолжуваат да ги расчистуваат улиците од наносите од невремето.