Последиците од обилните врнежи од дожд во Кочанско и начините за справувањето со нив беа повод градоначалникот на Општина Кочани Николчо Илијев да се сретне со претставници на месните заедници и на оштетените од невремето од селата Горни Подлог, Долни Подлог и Грдовци.

Во присуство на раководителот на Подрачната единица на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство Горан Миладинов беа разгледани можностите за надомест за штетите на земјоделските култури и домаќинствата.

До 20 август оштетените треба да поднесат до Општина Кочани барање за проценка на штетата, а претставници од трите села заедно со градоначалникот пошироко ќе ги анализираат  начините за отштета од централно ниво.

Од друга страна, градоначалникот Илијев поттикна изнаоѓање начини за надминуваме на причините што доведуваат до поплави. Жители на овие села на состанокот истакнаа дека каналите се узурпирани и во нив неконтролирано се исфрла смет што го спречува нормалниот проток на водата.

Соодветни комисии дополнително ќе ја проценуваат штетата, а ќе се контактира и со надлежните агенции за исплата на дополнителните мерки што ги следуваат земјоделските производители.

Градоначалникот Илијев најави  средби со релевантни структури на највисоко ниво.