Студентите од Архитектонскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, по предметот Урбанистичко обликување 2, изработија 11 визии и стратегии за просторен развој на Кочани и 31 проект за конкретни локации.
В петок, на 15 февруари овие трудови ќе бидат презентирани пред градоначалникот Николчо Илијев и стручните служби од Општина Кочани.
На завршната презентација што ќе се одржи во салата на Мултикултурниот центар ќе бидат претставени трудовите, во два дела, со почеток од 10 до 12:30 ч. и од 13 до 14:30 ч. Исто така ќе бидат изложени и 42 постера со формат од 70 х 100 см. Сите трудови на студентите ќе бидат објавени и во мала публикација.
Во овој настан се вклучени стотина студенти со петмина наставници и претставници на медиуми заинтересирани за оваа проблематика.
Соработката со која Архитектонскиот факултет дава поддршка во урбанистичкото обликување на Кочани започна со посетата на студентите и професорката по предметот Урбанистичко обликување 2, Дивна Пенчиќ, во октомври минатата година.
Изработените трудови произлегоа по детална анализа на просторниот развој на Кочани и по опсежни и длабоки истражувања на студентите, меѓу кои има и неколкумина кочанци. Се очекува студентските резултати и идејни решенија за Кочани да помогнат во креирањето на една нова визија и напредок во просторниот развој.