Стотина студенти од Архитектонскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје изработија 11 стратегии и визии за просторен развој на Кочани и 31 проект за урбанистичко обликување на конкретни локации во градот.

Нивните трудови се резултат од соработката што лани Општина Кочани ја започна со високошколската установа, при што беше договорено студентите да работат на планирањето на просторот и развојот на градот од урбанистички аспект, под менторство на предметната професорка Дивна Пенчиќ.

Проектите на идните архитекти беа претставени пред стручните служби за урбанизам и јавноста во Кочани, а истовремено презентацијата беше испитна задача по предметот Урбанистичко обликување 2.

– Работевме во неколку групи и секоја од нив изработи по три проекти, така што освен стратегиите за просторен развој на централното градско подрачје, опфатени се и другите делови од градот. Станува збор за голем потенцијал од урбанистички аспект, а најголем предизвик за нас беше да се истражат специфичните услови што ги има Кочани и тие да се вклопат во стратегииите за развој што ќе одговараат на современите потреби на граѓаните, истакна Марија Петрова, студентка на Арихтектонскиот факултет.

Градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев, нагласи дека младите архитекти дале одлични насоки како во иднина да се планира просторниот развој на градот, при што голем дел од нив се прифатливи и стручните служби во Општина Кочани ќе можат да ги вклопат во деталните урбанистички планови.