На патеката бр. 3 на Пониква денеска се одржа „Осоговскиот велесламом 2021“. Во организација на Општина Кочани и на Скијачката Федерација на Македонија, се натпреваруваа 82 скијачки од Кочани, Скопје, Битола, Штип, Виница и други градови.
И покрај сончевото време и високите температури изминатава седмица, патеката ги задоволуваше критериумите за скијачкиот настан.
Во петте категории во машка и во женска конкуренција најуспешни беа: Нина Манасиева и Мартин Паниевски во категоријата цицибани; Ана Костова и Кирил Глигоров во категоријата деца; Сара Димитровска и Дарко Ставрев во категоријата млади; Елена Шкларевиќ и Владимир Шкларевиќ во категоријата сениори и Филип Иљовски и Сибил Сутер Техада во категоријата ветерани.
– „Осоговскиот велеслалом“ покажа дека интересот за скијањето од целиот регион е огромен. Целта е со вакви настани да се промовира Пониква како скијачки центар и да се мотивираат децата и младите да научат да скијаат. Сакаме да го побудуме интересот воопшто за зимските спортови, што е уште една додатна задача за Локалната самоуправа и за сите чинители во државата – истакна Николчо Илијев, градоначалник на Општина Кочани.
На „Осоговскиот велеслалом“ учествуваше амбасадорката на Швајцарија Сибил Сутер Техада, која уште еднаш ја покажа поддршката во развојот на Пониква како зимски туристички центар.