Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој одобри 10 милиони денари за изградба на улици во пет кочански населени места.

Со тоа, Агенцијата ја прифати целосната сума што ја побара Општина Кочани преку мерката за Обнова и развој на селата, односно подмерката Инвестиции за изградба и реконструкција на улици во населени места во руралните средини од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој.

Според информациите на Одделението за локален економски развој во Општина Кочани, средствата ќе бидат наменети за изградба на улиците: „Тоде Паунов“ во Долни Подлог,  „Маршал Тито“ во Мојанци, „Ангел Стојчев“ во Тркање, „Михаил Арсов“ во Прибачево и „Ангел Донев“ во Оризари, во вкупна должина од еден километар.

Вкупната финансиска конструкција за реализација на овие инфраструктурни активности   е 12.015.419 денари, од кои од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој се 10.182.558 денари, а од Општина Кочани 1.832.861 денар. Во наредниот период Општината ќе распише јавен повик за избор на изведувач на градежните работи.

Лани, Општина Кочани изгради шест улици во сите полски села, за што намени 2 милиона 672 илјади денари од сопствениот буџет. Годинава Општина Кочани доби средства по сите три мерки од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој  во максимален износ.