Стефанија Ристова од виничкото село Јакимово на 8 јануари го донесе на свет првото новороденче во Кочани во 2016 година. Третото дете во семејството Ристови е машко, по двете девојчиња.
– Со првото породување на Акушерското одделение во Кочани имаме машко живо дете со тежина од 3 килограми и 120 грама, долго 49 сантиметри. Породувањето беше нормално, бебето и мајката се добро, им посакувам сè најубаво, долг, среќен и бериќетен живот, рече гинекологот д-р Фонзи Јуруков.
Традиционално, градоначалникот Ратко Димитровски на новороденчено и на мајката им обезбеди подароци, а празниците им ги честита и на вработените на Гинеколошко-акушерското одделение. Фирмата „Ледер“, вообичаено, на првото новороденче подари телевизиски приемник.
Според статистиката во Акушерското одделение минатата година имало околу 300 породувања, 50 помалку од 2014 година.