Во пресрет на одбележувањето на Празникот на Општината – Петровден, Комисијата за доделување награди и признанија на Општина Кочани, одлучи Наградата за животно дело да ја додели на неодамна починатиот академик Благој Попов, истакнат професор по математички науки и еден од основоположниците на Македонската академија на науките и уметностите.
Наградата за значајни остварувања годинава ќе ја добие Основното музичко училиште „Ристо Јуруков“, институцијата која веќе втора деценија го осмислува и организира Новогодишниот концерт. Ова општинско училиште важи за расадник на музички таленти, кое во континуитет дава значен придонес во градењето на музичката култура и концертната дејност во Кочани и пошироко.
Одлуките на Комисијата беа донесени по давањето дополнителен рок за доставување предлози за наградите преку членовите на Комисијата, што е во согласност со законските прописи.
Претходно до Комисијата беше пристигнат еден предлог за Наградата за животно дело и четири за Наградата за значајни остварувања.
Наградите ќе бидат доделени на свечената седница на Советот на Општина Кочани закажана за в недела, 12 јули, со почеток во 11.30 ч. во салата на Мултикултурниот центар во Кочани.