Градоначалникот на Општина Кочани Николчо Илијев и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски денеска направија увид во градежните активности на браната Речани, како дел од хидросистемот „Оризарска Река“.
– Браната Речани е еден од најзначајните објекти што се гради во нашиов крај. Оперативците нѐ информираа дека се работи на влезниот и излезниот предзасек на тунелот, а идниот месец е најавен почетокот на неговата изградба. Тоа ќе биде опточен тунел со темелен испуст од каде ќе се регулира водата за наводнување на земјоделските површини. Годишно ќе се собираат 22 милиони метри кубни вода што ќе задоволи повеќе од една третина од земјоделските површини во Кочанско – изјави градоначалникот Илијев.
За потребите на ангажираните лица и механизацијата вклучена во изградбата на тунелот веќе е подготвена мала „населба“ со решено водоснабдување и довод на струја.
– Оваа капитална инвестиција којашто ја започнавме во 2019 година, а според динамичкиот план треба да заврши во 2024 година ќе овозможи водоснабдување, стабилно наводнување на земјоделски површини во Кочанско Поле и производство на електрична енергија преку изградба на две хидроцентрали. Тоа покажува дека ниту еден регион не е запоставен, капиталните инвестиции се во тек и чекор по чекор одиме кон целта – истакна за медиумите Трајан Димковски, министер за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Речани е камено-насипна брана со височина од 80 м, широка 10 м и во основата долга близу 280 м. Вкупната сума за изградбата на браната е проектирана на 1 милијарда и 800 милиони денари, а досега се реализирани 40 милиони денари.
Хидросистемот „Оризарска Река“ е голема и долгорочна инвестиција, мошне значајна за овој микрорегион на кој се очекува да му обезбеди поквалитетен и подинамичен економски развој.