В среда, на 12 февруари 2020 година, со почеток во 13 ч., во ресторанот „Амор“, Општина Кочани организира работна средба со кочанските стопанственици и Агенцијата за вработување на тема Можности за усогласување на потребите за преквалификација и доквалификација на активните баратели на работа со стопанството.
На средбата, на која ќе присуствува директорката на Агенцијата за вработување Билјана Јовановска, ќе се дебатира за неопходниот стручен кадар и можните решенија за негово обезбедување, со цел да се подобри понудата и конкурентноста на пазарот на труд во нашата општина.
Директорот на Фондот за иновации и технолошки развој Јован Деспотовски на стопанствениците ќе им ги претстави можностите за финансиска поддршка на микро, мали и средни претпријатија што ги нуди Владата на Република Северна Македонија, преку инструментите на ФИТР.
Минатиот месец Општина Кочани иницираше претставниците на локалниот бизнис-сектор да изработат внатрешна анализа за потребата од стручни профили за функционирање и унапредување на производството. Со учество на средбата, тие ќе дадат придонес во подобрување на условите за локален економски развој.
Според податоците од Агенцијата за вработување, во Кочани има 2 439 активни баратели на работа, 198 со високо, 527 се со средно, а со основно образование и без образование се 227. Преку обуките и доквалификациите коишто ги прави Агенцијата за вработување заедно со Организацијата на работодавачи и Стопанската комора може да се обезбеди преквалификација и доквалификација за да можат активните баратели на работа да се прилагодат на потребите на пазарот на труд, односно на работодавачите.