Мерката  против аерозагадувањето што ја презедоа Општина Кочани и КЈП „Водовод“ со третирање на согорувањето во Градската депонија ги дава првите позитивни резултати.

– Градската депонија првпат се третира со природни алги, на начин што придонесува да се спречи нејзиното палење и согорување. Од препаратот на база на екстракт од два вида морски алги, досега е употребена 21 цистерна со зафатнина од 7 метри кубни. Со течноста помешена со алги се полнат „џебовите“ во депонијата и горењето моментно престанува –  изјави Андреј Киров, директор на КЈП „Водовод“.

Постапката што е позната и се користи во слични ситуации во странство, кај нас се применува од декември минатата година. Надлежните најавуваат дека од природниот препарат, од кој со јавна набавка беа обезбедени 1 000 литри, се очекува да се овозможи континуиран третман на Градската депонија до крајот на оваа календарска година, а во буџетот на оваа јавна установа ќе се издвојат средства ваквата мерка за спречување  на аерозагадувањето да продолжи да се применува и понатаму.

Во овој период значаен акцент во борбата против аерозагадувањето се става на обезбедувањето услови за искористување на оризовата слама за потребите на Пречистителната станица во Кочани. Со цел да се подобри пристапот на механизацијата, Општина Кочани учествува во подобрување на 12 км полски патишта во Кочанско Поле. Заложбите на градоначалникот на Општина Кочани Николчо Илијев се во насока на комплексно решавање на земјоделските проблеми и потреби, за искоренување на појавата на палењето на стрништата, а со тоа и намалување на аерозагадувањето.