Каратистот на „Партизан“, Мартин Стојменов, петти пат едноподруго е избран за најуспешен спорист на Кочани. Еден од пресудните моменти за задржување на највисоката спортска титула кај Стојменов беше петтото место на Европското пренство во Лимасол, Кипар.
Со еден глас помалку, на втората позиција се најде Роберто Здравковски, кој на минатогодишната Балканијада во карате во Белград, беше второпласиран во својата конкуренција.
Tретата позиција ја освои Јана Николова од Клубот за гимнастички спортови во Кочани.
По предлог на ФК „Осогово“, Лазар Балдазаров доби посебно признание за придонес во развојот на фудбалско Кочани, а за спортски личности на 2016 година беа прогласени планинарите Борис Поп Ѓорѓиев и Лоранс Марков кои се искачија на Мон Блан и Тошо Антов кој го освои Елбрус, највисокиот врв на планината Кавказ.
Најуспешна екипа во 2016-та е Карате клубот „Партизан“ од Кочани, а Оливер Коцев од истиот клуб е прогласен за тренер на годината.
Меѓу десетте надежни спортисти на Кочани за најуспешен беше прогласен каратистот Ѓорѓи Петров.
Изборот го направија новинарите од локалните медиуми и дописниците од Кочани. Манифестацијата „Избор на спортист на Кочани“ ја организира Одделението за јавни дејности во Општина Кочани во соработка со Сојузот на спортови од Кочани. Доделувањето на наградите се одржа во ресторанот „Але-дар“ во присуство на многубројна публика, спортисти и спортски работници.
Во рамките на манифестацијата, на Столе Ефтимов, член на БК „Спартак“ од Кочани, му беше доделена стипендијата – спортска надеж на Кочани. Ефтимов ќе прима стипендија во месечен износ од 3 илјади денари, за период од шест месеци. Средствата се обезбедени од Буџетот на Општина Кочани за 2017 година.