Градоначалникот на Општина Кочани, Ратко Димитровски на прес-конференција изнесе податоци за текот на постапката за легализација на бесправно изградените објекти.

– Во рамките на законски предвидениот рок за поднесување барања за легализација на бесправно изградени објекти, до 31 март 2016 година во Општина Кочани се поднесени вкупно 7591 барање. Тоа значи дека кон поднесените 5988 барања (до 2 септември 2011) во продолжениот рок од 1 декември 2015 до 31 март 2016 година се доставени нови 1603 барања. Досега Секторот за урбанизам реши 4050 барања или 53 проценти од поднесените предмети, што ја сместува Општина Кочани во редот на општините кои со солидна динамика ја водат постапката за легализација на бесправно изградените објекти, соопшти Димитровски.

Градоначалникот додаде дека до 31 декември 2016 год. граѓаните имале можност да ги докомплетираат своите барања.

– До тој рок се комплетирани само 300 барања коишто ќе бидат решавани во наредниот период. Согласно Законот за утврдување на правен статус на бесправни објекти треба да се одбијат вкупно 1894 барања. Тоа е бројот на подносителите кои од определени причини не доставиле комплетна документација – елаборати. Нерешени остануваат 3495 барања, а досега се одбиени 46, истакна Димитровски.