По повод Петровден, кавадарчанецот Бошко Илиев, доктор специјалист по спортска медицина, пливаше во вештачката акумулација Гратче. Годинава на маратонецот Илиев му се придружија и професори по физичко од Кочани, а техничка поддршка му дадоа службите од Дирекција за заштита и спасување и од СЗР „Кочански рибар“.
– Намерата ми е да го промовирам пливањето како здрава спортска и рекреативна дисциплина, а паралелно со тоа и да ги популаризирам природните убавини на езерата. Како лекар, но и како продолжувач на традицијата на македонското маратонско пливање, сакам да им порачам на младите да ги користат условите со кои располага нашата татковина и што повеќе да го практикуваат и спортските и рекреативните пливачки активности – изјави Илиев.
Градоначалникот Љупчо Папазов му изрази благодарност на д-р Илиев, кој на специфичен начин го промовира Гратче како туристички потенцијал на Кочани.
Настанот е реализиран и како дел од проектот „Спортскиот риболов – еликсир за младите“ што е поддржан од ReLoad на УНДП и Општина Кочани.