Екипата на „Ауто велт“ е победник на 21. Петровденски турнир во мал фудбал. Со резултат 3:0, таа го порази тимот на „Фичобарбер Шери казино“.  Третото место го освои екипата на „Рели“, која го победи „Амфенол“ со 4:1.

На трите најуспешни екипи, Општина Кочани им додели награди во вредност од 60, 30 и 15 илјади денари.

За најдобар стрелец на турнирот беше прогласен Тоше Манов, со постигнати 11 гола;  најдобар голман – Далибор Митов, а за најдобар фудбалер – Кристијан Блажев.

Првпат, по иницијатива на семејството на Баки Апостоловски, прерано починат сограѓанин, љубител на фудбалот, се додели награда за најмлад фудбалер на турнирот. Наградата ја доби Филип Јованов.

Петровденскиот турнир во мал фудбал е дел од содржините со кои Општина Кочани го одбележува празникот Петровден. Турнирот го организираше Општинскиот фудбалски сојуз – Кочани.