Поради зголемениот број лица заразени од коронавирсуот, Општинскиот кризен штаб одржа седница на која усвои заклучоци за обновување на неколку мерки за заштита од ширењето на заразата на локално ниво.

– Зголемениот број позитивни граѓани и пациенти со Ковид-19 во нашата општина последните неколку дена е причина да реагираме итно. Кризниот штаб донесе заклучок да ја ангажира Територијалната противпожарна единица за дезинфекција на фабричките простории, влезовите и лифтовите во зградите и сите простории каде има зголемено присуство на луѓе, а Комуналното претпријатие „Водовод“ редовно ќе ги дезинфицира јавните површини и локациите каде се одлага отпадот – истакна градоначалникот Николчо Илијев, кој е и претседател на Кризниот штаб на Кочани.

Општинските сообраќајни инспектори, во соработка со Полициската станица од Кочани ќе прават засилени контроли на почитувањето на одредбите за јавниот превоз на патници и на вработени во претпријатијата, ќе се контролира употребата на заштитните маски и држењето на пропишаното растојание, а на родителите им се препорачува во наредниот период нивните деца да бидат претпазливи при користењето на детските забавни паркови.

Општинскиот кризен штаб оцени дека состојбата во училиштата е стабилна, а во Детската градинка „Павлина Велјанова“ три деца и една воспитувачка се во домашна изолација поради контакт со позитивни лица.

Директорот на КЈП „Водовод“ Андреј Киров истакна дека е важечка забраната за поставување тезги од едната страна на Градскиот пазар, и за претстојниот период побара да се изготви акциски план за дејствување на пазарот.

Во кочанската Општа болница се хоспитализирани осум пациенти, од кои петмина се со кислородна поддршка. Се очекува наскоро да биде ставена во функција модуларната болница, со што ќе се овозможи подобар третман и зголемен капацитет на болнички кревети.

Според очекувањата на матичните лекари, наредниот период ќе се зголемува бројот на новозаболени. Во моментот во Кочани се регистрирани 198 активни случаи на заболени од Ковид-19, а дневно се прават по околу 60 тестови во Општата болница и во Центарот за јавно здравје во Кочани.