Во пресрет на Денот на екологијата, Општина Кочани и Комуналното јавно претпријатие „Водовод“ ја продолжија пролетната акција за озеленување на градот.

Шеесетина садници од туја денеска беа засадени долж улицата „Димитар Влахов“ до спојот со „Павлина Велјанова“, над Градскиот базен.

– Оваа година Програмата за заштита на животната средина ја зголемивме за 2 милиона и 100 илјади денари во однос на лани, што значи за активности и прашања од оваа сфера наменивме вкупно 3.650.000 денари. Со овие средства ги  субвенционираме граѓаните во набавките на еколошки грејни тела – печки на пелети и инвертер-клими, како и во набавка на велосипеди, како превозни и рекреативни средства што не ја загадуваат животната средина. Соработуваме со Комуналното претпријатие и со граѓанскиот сектор во акции за подобрување на животната средина и повикуваме сите совесно да се однесуваат кон зеленилото – истакна градоначалникот Николчо Илијев.

Садници од бреза и јавор деновиве се засадени и на детските игралишта на улиците „Охридска“ и „Скопска“, а викендов ќе се озеленуваат и жардиниерите од десната страна на улицата „Тодосија Паунов“.