Во пресрет на 8 Март – Меѓународниот ден на жената, на седницата што ја одржа Комисијата за еднакви можности на жените и мажите, беше направен пресек на досегашните и претстојните активности на планот на родовата еднаквост во Општина Кочани.

Досегашните мерки за родова сензибилизација и вклучување на родовите перспективи во општинските програми и планови продолжуваат со низа нови и планирани активности.

Од денеска, преку проектот на UN Women, „Промоција на родово одговорни политики и буџети“ започнаа и обуките за економско јакнење на жените. Триесетина жени од Кочани ќе бидат опфатени во обуки за дигитален маркетинг и онлјан продажба, претприемништво и менаџерски вештини и развој на бизнис-идеја.

Со средства предвидени со Локалниот акциски план за еднакви можности, а по повод 8 Март, градоначалникот на Кочани доделува еднократна финансиска помош на десет жени во социјален ризик – по основ на болест, старост, попреченост и мајчинство, а според предлози добиени од Центарот за социјални работи во Кочани.

На седницата на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите беше прифатена  иницијативата за подготовка на театарска претстава што ќе ја прикаже современата релација „Тој – Таа“, којашто би била реализирана со локални уметници односно учесници. Од редовните активности ќе бидат реализирани настани за промоција на физичката активност и здравата храна, за јакнење на свеста за спречување чести незаразни болести, за климатските промени, како и за руралната жена.

Комисијата заклучи дека во соработка со Општина Кочани и граѓанскиот сектор постојат реални услови да се влијае на подобрувањето не само на индивидуалните и општинските капацитети, туку и на перцепцијата и јавното мислење за родовата еднаквост во локалната средина.