На 16 март 2026 година Кочани ја одбележа годишнината од трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“, каде што згаснаа 63 млади животи, а над 200 лица беа повредени.

Во утрински часови, во Паркот на Револуцијата беше отворена книга на жалоста, во која пораки на сочувство и почит оставија претседателката Гордана Силјановска-Давкова, премиерот Христијан Мицкоски, владини и високи дипломатски претставници, претставници на граѓански здруженија и бројни гости што помагаа во справувањето со последиците од трагедијата, граѓани…

Во Градскиот парк се одржа верска молитва за упокоените, со која чиноначалствуваше митрополитот брегалнички Иларион, со свештенослужители од кочанското архиерејско намесништво.

Во рамките на одбележувањето на годишнината, пред Центарот за култура „Бели мугри“ официјалните делегации положија свежо цвеќе пред симболичниот „Ѕид на сеќавање“ – мурал како визуелен споменик на сите прекинати младешки соништа.

На комеморативниот настан што се одржа во салата на Центарот за култура „Бели мугри“ преку фотографии и лични сеќавања споделени од најблиските, секое од 63-те имиња имаше своја приказна. Настанот го водеа актерите Наталија Теодосиева и Благој Веселинов, а публиката можеше да го следи на видеобим во Градскиот парк, едновремено оддавајќи почит пред симболичните 63-те бели столчиња, на кои беа поставени рози како симбол на секој изгубен живот.

Во спомен на жртвите во пожарот, студенти на Вокално-инструменталниот оддел при Факултетот за музичка уметност – Скопје ја изведоа композицијата „Искинати нишки“, компонирана од Никола Ѓоргиев од Кочани, студент на студиската програма по Композиција на Факултетот за музичка уметност – Скопје, во класата на проф. м-р Дарија Андовска.

Комеморацијата што ја организираше Општина Кочани заврши со настапот на Ирена Стевановска, сопруга на покојниот музичар Филип Стевановски, со специјално подготвената композиција „63 ангели“.