Златна плакета во категоријата документарен филм и Златна плакета за монтажа доби филмот „Трпејца“ на авторот Томе Љушев од Охрид; Златна плакета за краток игран филм и за сценарио доби филмот „Ти можеш“ на Марјан Беџоски и Никола Димески од Прилеп; Златна плакета за експериментален филм доби филмот „Трка против времето“ од авторот Кристијан Божиновски од Ресен; Златна плакета за анимиран филм доби „Страв“, филм на Тоде Блажевски од Скопје; Златна плакета за камера доби филмот „Стар куфер“, изработен од Глигор Кондовски од Тетово и Златна плакета за режија доби филмот „Повратникот“ од Диме Талевски од Битола. На настанот беа доделени и сребрени и бронзени плакети за филмови во сите четири категории.
Наградите од UNICA ги добија, за 2021 година – Владимир Ангелов, директор на Кинотека на Македонија, за 2022 година – Драган Велјановски, режисер и претседател на Академскиот киноклуб.
На Фестивалот се обрати и наградите ги додели претседателот на Советот на Општина Кочани Лазо Митев, а кочанската публика ја проследи проекцијата на аматерски филмови изработени на фестивалскиот конкурс.
Во рамките на Фестивалот, во ОУ „Крсте Мисирков“ во Оризари се одржа Третата школа за непрофесионален филм „Стефан Сидовски Сидо“. Работилницата за подготовка на кратки филмови ја одржаа: проф. д-р Мишо Нетков, м.а.ф. Петре Чаповски, Јане Темелковски, Мице Чаповски, Драган Велјановски и Пере Митрев.
Педесет и вториот Државен фестивал на аматерски филм на Македонија финансиски е поддржан од Агенцијата за филм на Македонија, а се реализираше со поддршка од Општина Кочани.