Почина лицето што беше евидентирано како прв случај во Кочани со зараза од коронавирусот.
– Изразувам длабоко жалење и упатувам сочувство до семејството на починатиот. Жалам што болеста која го тресе светот однесе млад живот од нашата средина и остави болна празнина, ненадоместлива за најблиските – рече во пораката до семејството градоначалникот Николчо Илијев.
Бидејќи станува збор за прв смртен случај во Кочани од појавата на КОВИД-19, Илијев изрази подготвеност за помош во организирањето на погребот, кој ќе се спроведе според посебна уредба.
КЈП „Водовод“ информира дека телото на покоен од коронавирус не смее да се внесува и да се излага во Градската капела. Тоа ќе биде транспортирано под посебен режим, а на чинот на погребувањето можат да присуствуваат најмногу пет лица.
Досега се евидентирани три жаришта на заразени од коронавирусот: во Кочани, Подлог и во Зрновци. Градоначалникот Илијев упати повик до граѓаните да не создаваат паника, туку свесно и дисциплинирано да се придржуваат кон пропишаните мерки, кои се суштински за спречување на заразата.