На седницата одржана на 5 април 2020 г., Владата донесе заклучок со кој го редуцира движењето на граѓаните и во работните денови и во викендите.

Од среда, 8 април 2020 г, ограничувањето на движењето за граѓаните на територијата на целата држава, за време на работните денови ќе почнува од 16 часот и ќе трае до 5 часот наредниот ден. За време на викендите забраната за движење за сите граѓани ќе трае 24 часа, односно од 16 часот во петок до 5 часот во понеделник.

Лицата над 67-годишна возраст, во текот на работните денови, од понеделник до петок,  ќе можат да се движат само во периодот од 10 до 12 часот.

Младите до 18 години во текот на работните денови, од понеделник до петок, ќе можат да се движат само во периодот од 13 до 15 часот.

Според Одлуката, се забранува движењето на граѓаните на јавни места и јавни површини во групи поголеми од две лица, при што тука не се вбројуваат лицата помали од 14 години, доколку се деца на родител кој е дел од групата од двајца.

За земјоделските активности, дозволено е движење во рамки на територијата (атарот) на селата, исклучиво за работните потреби.

Аптеките ќе работат непречено, а Министерството за здравство ќе изработи план за непречена работа и на здравствените установи.

Исклучоците од забраната за движење важат за полицијата, армијата, здравствените работници (во ЈЗУ и ПЗИ, како и матичните лекари) и за маркетите и рестораните кои вршат достава на производи, при шти тие своите ангажмани ќе ги реализираат непречено.