Во тек е изградбата на улицата „7 Септември“ во населбата Усова Чешма во Кочани. Со средства од Буџетот на Општина Кочани ќе се асфалтира потег долг 210 м. Избраниот изведувач „Премиум билдинг“ од Скопје, деновиве ги изведува земјените работи – рамнење на теренот и тампонирање.

Истата градежна компанија наскоро ќе ги почне работите и на улиците „Карпошово востание“ (270 м), „Крум Вранински“ (130 м), каде ќе се градат и потпорни ѕидови,  како и на „Искра“ – крак 2 исток, сите во населбата Усова Чешма.

Градежни работи се изведуваат и улицата „Стамен Манов“. По спроведената постапка за јавна набавка, на реконструкција на два крака од оваа улица работи компанијата „Калина“ од Оризари.

Механизацијата врши широк машински ископ, а по тампонирањето ќе се бетонира крак  во должина од 155 м во Ромското Маало и уште еден крак од 100 м во Трајаново Трло.

Дел од средствата за реконструкција на овие два крака се обезбедени во вид на грант од Советот на Европа, а остатокот е кофинансирање од Општина Кочани, планирано со Програмата за активности за локален економски развој за 2020 година.