Со измена на Планот за јавни набавки и финансиското дополнување, повторно е објавен јавниот повик за реконструкција на дворот на ОУ „Малина Попиванова“. Зголемувањето на проценетата вредност се очекува да го реши прашањето со избор на изведувач. Постапката ќе се спроведе преку Електронскиот систем за јавни набавки, а ќе заврши со користење на е-аукција, како последна фаза за доделување на договорот. Рокот за доставување на понудите е до 17 август.
Уредувањето на училишниот двор чија површина е 10 илјади метри кавдратни опфаќа изградба на детско игралиште, беседница за настава во природа, амфитеатрално прилагоден терен, патеки, спортско игралиште, забавно-рекреативен простор и игралишта за учениците со посебни образовни потреби. Целта е да се подобрат условите за социјализација и инклузија на учениците и жителите од мултиетничка, мултикултурна и различна социјална средина.
Проектот „Изградба на спортско-рекреативен центар во ОУ ‘Малина Попиванова’“ е избран како приоритетен во рамките на проектот „Зајакнување на општинските совети“, кој е финансиран од Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), го спроведува УНДП.
За имплементација на овој проект е потпишан договор помеѓу УНДП и Општина Кочани.