– На 25 октомври 2017 година наследивме долг од 49 милиони денари, а во периодот потоа пристигнаа уште 27 милиони денари. Вкупниот долг на Општина Кочани од 76 милиони денари, со одговорно и домаќинско работење, до 30 април го сведовме на 23 милиони денари, а притоа редовно ги подмируваме и тековните обврски. Скративме на непродуктивните трошоци, а со новите рестриктивни политики во наредниот период очекуваме целосно раздолжување на Општината – соопшти на прес-конференција градоначалникот на Општина Кочани, Николчо Илијев.
За прегледно и појасно претставување пред јавноста, во табеларен преглед, Општина Кочани ги прикажа платените обврски од крајот на октомври 2017 до март 2018 година и достасаните и платените обврски до крајот на март.
– Благодарение на транспарентноста во јавните набавки, ние заштедивме 6 милиони денари, средства со кои покрај планираните единаесет ќе градиме уште две улици и распределуваме средства за нови инфраструктурни проектирања. Очекуваме да ги надминеме планирањата во развојните програми – додаде градоначалникот на Кочани.
Илијев најави дека со поддршка на централната власт очекува реализација на неколку капитални проекти: изработка на пилот-проект на градинка по европски стандарди, реализација на Домот за стари лица, продолжување на работите на браната Речани и на експресниот пат до Кочани.