Во саботата, во месноста викана Пресечена Скала, како и на патот кон Пониква, кај Градската депонија, вработените во Општина Кочани организираа акција за рачистување на дивите депонии.

– Активноста е според препораките на Генералното собрание на ЗЕЛС, а пораката што ја испраќаме е дека сами мора да се погрижиме за почиста и поздрава животна средина. Често се восхитуваме на убавините и хигиената во Швајцарија, Германија или во други држави, но не се однесуваме како жителите на тие земји. За последиците од несовесното однесување сите имаме придонес, затоа повикуваме на совесно и одговорно однесување кон средината во која живееме – повика градоначалникот на Кочани Николчо Илијев.

Во акцијата учествуваше и Територијалната противпожарна единица – Кочани, како и Комуналното јавно претпријатие „Водовод“, кое со својата механизација се погрижи за соодветно депонирање на шутот.

Директорот на КЈП „Водовод“, Андреј Киров, потенцираше дека Градската депонија е единственото место за истовар на отпадот и на градежниот шут.