Со првата од предвидените три работилници, започна подготовката на Стратегијата за развој на општина Кочани.

Изработката на Стратегијата се спроведува низ партиципативен и транспарентен процес со вклучување на сите клучни засегнати страни – јавниот, приватниот и граѓанскиот сектор и со посебен фокус на родовата интеграција во сите аспекти на процесот.

– Идејата е што повеќе граѓани да дадат предлози за тоа како ја гледаат иднината на општината и кој ќе биде фокусот на општината во наредните пет години за да може соодветно да ги насочи своите средства и своите напори, во остварување на тие цели. На некој начин, тие треба да ја дадат визијата за тоа како сакаат нивната општина да изгледа во следните пет години, рече Кристина Хаџи-Василева, надворешен соработник на UN Women.

Според градоначалникот Николчо Илијев, Стратегијата е неоходен документ што ќе биде водич во планирањето за следните пет години. Во своето обраќање пред присутните тој ги претстави постојните природни потенцијали и актуелните и планираните проекти на кои се работи.

Стратешкиот план за родово одговорен економски развој како рамка за дејствување, ќе ги зема предвид расположивите ресурси, пречките и можностите кои водат кон конкретен пристап кон посакуваниот севкупен економски развој. Тој треба да биде изводлив и реален, релевантен и јасно дефиниран.

Целиот процес го водат надворешни експерти од UN Women, организацијата која преку регионалниот проект „Промоција на родово одговорни политики во Југоисточна Европа“ ја финансира изработката на Стратегијата за развој на општина Кочани.

Втората и третата работилница ќе се одржат на 5 и на 19 јуни 2018 г.