Со отворањето на Ликовната колонија „Свети Пантелејмон“ од денеска до 16 октомври се одржува јубијелното издание на меѓународната културно-стопанска манифестација „Денови на кочанскиот ориз“.
Во рамките на манифестацијата гости на Општината и на градоначалникот ќе бидат делегации од Украина, Бугарија, Унгарија, Србија, Хрватска, како и фолклорните состави од Казанлак – Бугарија, Сигетсентмиклош – Унгарија, Бихаќ – Босна и Херцеговина, Кочане – Србија, Тарговиште – Романија, Метковиќ – Хрватска. За гостите се организирани посети на знаметитости во општината и во државата, а дел од фолклорните состави и уметничките групи ќе настапуваат и во Зрновци и Македонска Каменица.
Вечерва, во фоајето на Центарот за култура „Бели мугри“ во 18.30 ч. ќе биде отворена изложба на фотографии со мотиви од Кочани, а во 19 ч. Велешкиот театар „Јордан Хаџиконстантинов Џинот“ ќе ја прикаже претставата „Класен непријател“ во режија на Теа Беговска-Ерезија.
В петок, на 14 октомври во Центарот за култура „Бели мугри“ ќе се одржи Изборот на жетварска убавица, на кој концерт ќе има хрватскиот состав „Теди Лајон селекшн“.
В сабота, на 15 октомври во Паркот на Револуцијата на изложбени и на продажни штандови ќе се претстават институции, здруженија и фирми од каде граѓаните ќе можат да вкусат и да купат ориз, храна, пијалаци и да се снабдат со сувенири по поволни цени. На сцена во Паркот ќе настапат деца и ученици од кочанските училишта, а од 16:30 до 18:30 ч. ќе се одржи големиот меѓународен фолклорен концерт.
В недела на нива на Грдовски Пат ќе се прикажат обичаите зажнејување и вршидба, а во Паркот на Револуцијата урбаните заедници со етноелементи ќе прикажат дел од традицијата во оризарството и од минатото на Кочани. Публиката ќе може да ужива во музиката на Љубојна и Џамбо Агушев.