Денеска (9 април 2019 г.), во објектот „Бамби“ на Детската градинка „Павлина Велјанова“, започна проектот „Екоградини во детските градинки“ од програмата „Еразмус плус“, во кој се вклучени градинки од Македонија, Хрватска и Бугарија.
Со проектот се опфатени вработените во институциите од претшколска возраст, со голема вклученост и на најмладите сограѓани.
– Целта на проектот е децата од детските градинки да се стекнат со основни информации за процесот на селектирање на комуналниот отпад и на компостирањето. Проектот предвидува и практична примена на компостот во органското производство од страна на најмладите сограѓани, едукативна метода што остава подолготрајни знаења и вештини кај децата. Градините во двата објекта, „Бамби“ и „Сончогледи“ се подготвени за почеток на практичниот дел – соопшти директорката на градинката во Кочани, Едита Миткова.
Според Николина Немец, од градот Лудбрег, кој е водечки партнер во проектот, следуваат уште две обуки што ќе се одржат во Бугарија и во Хрватска. Во текот на реализацијата на активностите, детските градинки ќе бидат во постојан контакт. Проектот завршува во 2020 година, кога на собир ќе бидат доделени награди за најдобрите.
Третиот проект од програмата „Еразмус плус“ во Кочани говори за зголемените напори на образовните институции, поддржани од КЈП „Водовод“ и граѓанскиот сектор да се направи мал, но значаен напредок во примената на современи и практични едукативни методи.