Во рамките на одбележувањето на Светскиот ден на Ромите, 8 Април, денеска во Центарот за култура „Бели мугри“ во Кочани беше организирана културно-забавна програма на која настапија групи од Детската градинка „Павлина Велјанова“ и повеќе  музички состави.

Мануела Саидова од Здружението „Светла иднина“ го истакна заедништвото во локалната средина и побара надминување на проблемите со кои се соочува ромската заедница.    

Во фоајето на Центарот за култура беше приредена изложба на традиционални занаети и јадења за ромската заедница.

Куриозитет на настанот беше настапот на прочуениот кочански трубач Неат Велиов, кој во свиреше во придружба на „Старс бенд“.

По повод празникот, честитка до сите припадници на ромската националност упати градоначалникот на Општина Кочани, Николчо Илијев, кој повика на меѓусебно почитување и толеранција. Тој изрази подготвеност во рамките на надлежностите на единицата на локалната самоуправа да се интервенира секаде каде што има потреба да се подобри животот на граѓаните од Кочани, без оглед на нивната националност и верска припадност.