Тротоарот на булеварот „Тодосија Паунов“ во близина на Автобуската станица ќе се ослободи од пазарските тезги и бараки. Намерата е секој простор да биде максимално функционален во својата намена, а реконструкцијата на „Тодосија Паунов“ го наметна прашањето за решавање на еден од проблемите со кои се соочуваат граѓаните – обезбедување што поголема проодност на пешачките површини.

Градоначалникот Николчо Илијев смета дека овој дел нуди можност истите содржини, со правилен распоред да бидат подеднакво достапни и подобро организирани, така што движењето на пешаците по тротоарите да не биде отежнато или невозможно.

– Посматрајќи ја целокупната состојба во тој дел на градот и хаосот со којшто се соочуваме секојдневно, планираме дислокација на бараките што се наоѓаат на јавно-прометните површини. Тие ќе бидат преместени на локацијата каде што е зелениот пазар, а тој пак ќе се врати на поранешната локација, педесетина метри погоре зад сегашните бараки. Со тоа ќе се создаде нов изглед и нова фукција на овој дел од градот. Граѓаните ќе можат да пазарат подалеку од улицата и правот, подалеку од чадот на автомобилите. Тие што ќе сакаат да пазарат со автомобил, ќе имаат можност се исклучат од булеварот за да не прават застој на коловозната лента – соопшти Илијев.

Градоначалникот информира дека на неодамнешната средба со сопствениците на бараките, ваквата идеја наишла на разбирање и поддршка, па наредниве денови ќе се пристапи кон реализација. Старо-новиот простор за зелен пазар на „Тодосија Паунов“ ќе се облагороди со зеленило, дрвца и урбана опрема, а целиот потег ќе добие содржини за да биде пријатно катче за секој што ќе го користи и ќе минува низ тој дел од градот.

Илијев повика сите учесници во сообраќајот да се однесуваат совесно, возачите да не паркираат на несоодветни места, а тротарите да бидат слободни за непречено движење на пешаците.