Реконструкцијата на двата ски-лифта на Пониква, во вкупна должина од 692 м е во завршна фаза. Обновени се машинските и електричните делови на ски-лифтовите, променети се влечните јажиња и котвите и извршен е ремонт на моторите. Изведувачот „Инокс сервис“ од Кочани има обврска да ги заврши работите до крајот на месецов и треба да обезбеди дозвола за употреба од надлежната институција.
– Задоволни сме што ски-лифтовите на Пониква се реконструираат со што ќе овозможат побезбедно и поудобно скијање во претстојната сезона, нешто што е неопходно за подобра понуда на овој зимско-рекреативен центар. Изминатиот период инвестиравме во инфаструктурата на Пониква – со изградба на патот; но претстои решавање на на отпадните води и на водоснабдувањето со брана на Арамиска Чешма. Во тек е реализацијата на проектот „Планински велосипедски рај“, со кој се градат и планински велосипедски патеки и планинарски дом со 28 легла. За нас особено е важно прогласувањето на дел од Осоговските Планини за заштитен предел, нешто што ќе овозможи рамнотежа меѓу социо-економскиот развој и заштитата на природата. Она за што имаме концепт што ќе го развиеме во наредниот период е враќањето на сјајот на Пониква како едукативен центар за децата и младите – изјави Николчо Илијев, градоначалник на Општина Кочани.
– Министерството за локална самоуправа и Швајцарската агенција за развој и соработка издвоија 5 милиони денари за да се реконстрираат ски-лифтовите и задоволство ми е што Источниот плански регион и Општина Кочани имаат сенс за туризмот и за развој на регионот. Воодушевен сум од плановите на градоначалникот да го развие овој центар. Ова му недостигаше на Истокот и во иднина ние со задоволство ќе финансираме проекти и ќе помогнеме во искористувањето на средствата што стојат на располагање од Прекугранична соработка за да се инвестира во овој центар, кој може да придонесе Кочани да живее од туризмот. Ѝ благодарам и на Швајцарската агенција за развој и соработка што дава средства за развој на македонската економија – соопшти министерот Милевски.
Проектот за реконструкција на ски-лифтовите се имплементира преку програмата Регионални форуми во заедницата, реализирана од Центарот за развој на Источниот плански регион, а финансиски поддржана од Министерството за локална самоуправа и Швајцарската агенција за развој и соработка.