Со цел да се разгледа актуелната состојба во образовните иснтитуции и текот на наставата во услови на здравствена криза, градоначалникот на Општина Кочани Николчо  Илијев одржа средба со директорите на основните и на средните училишта.

– Наставата од далечина и со физичко присуство се реализира без поголеми проблеми и тешкотии. Состојбата со заболени наставници и ученици се следи според протоколите, согласно со епидемиолошките служби за постапување во секој поединечен случај. Договоривме и јасни насоки во врска со реализацијата на постапката за организиран превоз – соопшти градоначалникот Илијев.

Со оглед на актуелните услови во кои се реализира наставата, на состанокот е договорено грејната сезона да се реализира крајно рационално и да се затоплуваат  само просториите што се користат.

На работната средба беше заклучено дека со подобрување на епидемиолошката состојба, кога ќе проценат дека имаат услови, училиштата можат да достават барања за настава со физичко присуство и за работа на спортските објекти и продолжен престој. За училиштата каде недостига опрема за онлајн настава, таа ќе биде предвидена за набавка, за што ќе се планираат и дополнителни финансиски средства.