Како учесници во програмските содржини и како посетители на настанот се вклучија и ученици со попреченост, инклузирани во наставата во основните училишта, ученици од специјалната паралелка во ОУ „Малина Попиванова“ во Кочани, лица штитеници на Дневниот центар и членови на локалните здруженија.
Одговорните во Општина Кочани истакнаа дека настанот има за цел да ги зближи институциите, здруженијата и заедницата заради поголемо разбирање и постојана поддршка на лицата со попреченост.
– Да не биде само еден ден за поддршка на лицата со попреченост. Имаме Стратегија, Социјален план, во 2022 година изработивме мапирање. Знаеме дека 38 лица се водат како невработени, 385 лица се над 26 години, 80 проценти од мапираните лица имаат тешкотии со загревањето на своите домови, 40 проценти имаат потреба од поддршка во домот. Ние интервенираме во секој сегмент, но тоа не е доволно. Затоа како поединци, како институции – и локални и државни, како општество, да ја подигнеме нашата одговорност и чувство на повисоко ниво и да даваме континуирана поддршка на овие лица – рече во обраќањето градоначалникот на Општина Кочани Љупчо Папазов.
За потребите на Дневниот центар за деца со попреченост, компанијата „Амфенол технолоџи Македонија“ донираше помагала.
Во Градскиот парк на продажба беа понудени уметнички слики изработени од учесници на ликовните колонии организирани изминативе години од Општина Кочани, а за посетителите имаше и храна, пијалаци, книги и ракотворби по симболични цени.
Собраните средства ќе бидат наменети за помагала за лицата со попреченост.