Општина Кочани во соработка со Асоцијацијата на новинари од Општина Кочани и оваа година ја организираше манифестацијата Избор на спортист на годината. На синоќашната манифестација беа доделени признанијата на најуспешните во спортот во Општина Кочани за 2023 година.

За најдобар спортист на Кочани за 2023 година е избран Расул Шапиев (БК „Спартак“), на второто место се најде Наталија Карова (КК „Кочани“), на третото место е Мартин Андонов (КГС „Кочани“), а четврти е Илија Охомуш (КК „Кочани“).

Во категоријана на млади надежни спортисти комисијата одлучи на сите пријавени кандидати да им додели признанија и да се наградат нивните постигнати успеси.

Во категоријата најдобар спортски работник признанието го доби Александар Андов, претседател на ОФС, а за најдобар тренер беше избран Игорчо Каров од Карате клубот „Кочани“.

Планинарскиот спортски клуб „Осогово“ го доби признанието во категоријата најдобра спортска екипа.

Годинава беше доделена уште една награда за спортска личност на годината, која ја доби Лазар Захариев.