Градоначалникот на општина Кочани, Ратко Димитровски пред крајот на календарската година, правејќи пресек на реализираното, на прес-конференција искажа задоволство од целосната посветеност на општината на подобрувањето на квалитетот на живеењето, реализирајќи ги, меѓу другите, и трите најзначајни капитални проекти.

Еден од нив, посочи Димитровски, е изградбата на браната Речани. – Вчера Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство го распиша огласот за изградба на браната „Речани“. Според тендерската документација, браната треба да биде издигната до 2021 година. Вкупната вредност на овој проект е проценета на околу 27,3 милиони евра. Влезот на овој свеж капитал ќе придонесе за подобрување на економската состојба во регионот, истакна Димитровски.

На терен, појасни тој, заврши пробивањето на патот со пропусти и дренажи, за што Владата намени 3 милиона евра. Со проектот е предвидена изградба на потпорни ѕидови во должина од 840 м. Патот ќе биде со асфалтна коловозна ширина од 4,5 м, со банкини и асфалт во 2 слоја. Со акумулацијата „Речани” ќе се реши проблемот на водоснабдувањето за околу 90 илјади жители од Кочани, Виница и микрорегионот.

Оваа година, рече Димитровски, е реализиран уште еден капитален проект – асфалтирање на улици со заемот од Светска банка.

– Од јуни досега асфалтиравме половина од планираните улици: „Февруарски поход”, „Димитрија Лазаров”, „Разловечко востание”,„Македонска”, „15 Македонски корпус”, „13 Македонска бригада” и „Јанка Стоименова” во Оризари. Со проектов за жителите на овие делови од Кочани решаваме суштинско прашање на кое чекале триесетина години. Во зависност од квалитетот на извршената работа очекуваме дополнително да се асфалтираат уште две улици, рече Димитровски.

Градоначалникот информираше за уште еден капитален проект кој остави белег на годинава. Пред еден месец, нагласи тој, го потпишавме договорот со консултантската куќа вклучена во проектот за изградба на пречистителна станица и колектор за отпадни води на територијата на Кочани.

Реализацијата на овој проект е овозможена со најголемата швајцарска донација во Република Македонија во висина од 21 милион швајцарски франци. Пречистителната станица, која ќе биде опремена со најсовремена технологија, ќе се гради на најниската гравитациска точка на вливот на Масалница во Брегалница и ќе ги прочистува водите од сегашните 9 испусти од Оризари до Долни Подлог. Веќе е изработен проект за првиот дел од трасата на главниот колектор. По подготовката на потребните елаборати следува постапка за добивање одобрение за градење на првиот дел од колекторот. Очекуваме, работите на терен да започнат во јуни идната година, додаде Димитровски.