Поради здравствената криза, потпишувањето на договорите се спроведе според мерките за заштита од ширење на вирусот.
Во своето кратко обраќање пред студентите, градоначалникот на Општина Кочани Николчо Илијев истакна дека младите стручни кадри се двигатели на економијата во едно општество, па во рамките на своите надлежности, локалната самоуправа ја продолжува и поддршката на студентите.
Според Записникот на Комисијата за доделување на студентските стипендии, годинава биле поднесени вкупно 43 пријави. Од нив 13 студенти добиле стипендија за постигнат висок успех во студирањето, двајца корисници се студенти од ромската етничка заедница, четворица се од социјално загрозени семејства и петмина студенти се од медицински науки.
Во текот на конкурсот, деветмина студенти поднеле барање за повлекување на поднесената пријава за стипендија, затоа што се нашле на листата на доделени стипендии од Министерство за образование и наука.
Десетмина од пријавените кандидати не ги исполниле условите да добијат стипендија поради некомплетна документација, несоодветен просек или се запишани по вторпат во иста студиска година.
Стипендиите со месечен износ од 3 илјади денари ќе се доделуваат за период од десет месеци за студиската 2020/21 година.
Одлуката за доделување стипендии на студенти од општина Кочани за студиската 2020/2021 година и Записникот од работата на Комисијата за доделување стипендии се објавени на веб-страницата на Општина Кочани.