Општина Кочани согласно со законските надлежности во локалниот економски развој започнува активности за усогласување на потребите од стручен кадар на бизнис-секторот со помош на програмите за обуки и преквалификација и активните мерки за вработување од Агенцијата за вработување.
Со цел да се подобри понудата и конкурентноста на пазарот на труд во нашата општина, за почетокот на февруари, градоначалникот Николчо Илијев иницира средба со претставници од бизнис-секторот и Агенцијата за вработување, на која ќе се дебатира за неопходниот профил на стручен кадар и можните решенија за негово обезбедување.
Општината веќе испрати покана за соработка до бизнис-секторот, кој преку внатрешна анализа треба да ја согледа потребата од профили на стручен кадар, неопходен за функционирање и унапредување на производството. Едновремено ги покани стопанствениците на средбата да ја пренесат потребата од кадар со што ќе дадат придонес во реализирање на активноста со која се настојува да се подобрат условите за локален економски развој во општина Кочани.
Според податоците од Агенцијата за вработување, во Кочани има 2 439 активни баратели на работа, од кои 527 се со средно образование, а од нив 224 се жени. 198 се со високо образование, а од нив 134 невработени се жени. Вработување чекаат и 14 магистри. Невработени лица без образование и со основно образование се 227. Преку обуките и доквалификациите коишто ги прави Агенцијата за вработување заедно со Организацијата на работодавачи и Стопанската комора може да се обезбеди преквалификација и доквалификација за да можат активните баратели на работа да се прилагодат на потребите на пазарот на труд, односно на работодавачите.