На последната седница на Советот на Општина Кочани во тековнава година, градоначалникот Љупчо Папазов имаше годишно обраќање, во кое ги сумираше резултатите од сработеното.
Притоа тој истакна дека во 2023 година се вложија над 45 милиони денари во патната и комуналната инфраструктура; континуирано се работеше на комуналното уредување; реализирани се или се во тек проекти за енергетска ефикасност, како што е инсталацијата на две фотоволтаични централи на кровот на Пречистителната станица во с. Мојанци, а со проектот од Центарот за меѓународна соработка и развој на Република Словенија, следува поставување водомери на 350 социјално ранливи семејства. Во делот на културата, се санира архитектурата и партерното уредување на Споменикот на слободата, како дел од проектот за конзервација и реставрација на најголемиот мозаичен монумент на Балканот, а беше истакната и поддршката на ранливите категории и на граѓанските организации.
Од проектите што следуваат, Папазов ги најави реконструкцијата на Кејската улица во Оризари, на „Гоце Делчев“ и „Борис Трајковски“ во Кочани; рехабилитација на дел од улиците „Киро Кикенски“, „Тодосија Паунов“, улицата „7“ на Пониква, како и конечното ставање во функција на Планинарскиот дом.
– Следи реализација на проект со поставување нова урбана опрема за кружните текови, со што ќе се подобри безбедноста и квалитетот на сообраќајот. Очекуваме, во 2024 година да бидат донесени неколку детални урбанистички планови, што ќе претставува извор на буџетски приходи, а со тоа и основа за натамошен развој на урбаниот дел на Кочани. Значаен исчекор ќе претставува и донесувањето на процедурата за инсталација и добивање одобрение за отуѓување парцели за изградба на фотоволтаици – рече градоначалникот.
На крајот на обраќањето, градоначалникот упати благодарност до членовите на Советот кои со својата искрена поддршка овозможиле реализација на проекти и помогнале во креирањето на развојот на Кочани. На сите граѓани им ја честита Новата 2024 година и им посака добро здравје, мир, спокој и успех.