Германската амбасадорка Кристине Алтхаузер оствари работна средба со градоначалникот на Општина Кочани, Ратко Димитровски, кој детално ја запозна со карактеристиките на регионот и за остварената досегашна соработка со германските институции. Според Димитровски, таа активно се одвива во изминатите години, при што се реализирани неколку инфраструктурни проекти, а очекува така да продолжи и во иднина.

– Ова беше запознавање, информација за мошне плодната соработка што ја имаме со германските институции во Македонија и се договоривме да продолжиме и понатаму со таквата соработка и да ја прошириме и во други области, изјави Димитровски.

Имав прилика да слушнам многу за градот Кочани. Разговаравме за проекти што до сега заеднички сме ги работеле и проекти што и понатаму би можеле заеднички да ги сработиме. Тука постојано течат проекти преку Германското друштво за техничка соработка, поранешно ГТЗ, а сега ГИЗ… и евентуални германски инвеститори што би дошле да вложат во Кочани, рече амбасадорката Алтхаузер.

Од досегашната соработка со Германското друштво за техничка соработка досега Општина Кочани доби финансиска поддршка за изработка на техничка документација за домот за стари лица, потоа за изработка на документација за отпадните води на Пониква, поддршка за отворањето на Општинскиот центар за социјални услуги како дел од стратегијата за борба против трговијата со луѓе и други проекти.