Стручни служби од Центарот за јавно здравје – Кочани, Општина Кочани и од Комуналното јавно претпријатие „Водовод“ деновиве вршат дератизација во Кочани и Кочанско.

– Постапката за уништување на глодарите се реализира според Програмата за спроведување на општи мерки за заштита на населнието од заразни болести, а опфатени се Градската депонија, градската канализација и канализациските мрежи во населените места Тркање, Оризари, Грдовци, Мојанци, Прибачево и Подлог. Се третира секоја втора шахта со кумарински препарати. За оваа дератизација се наменети околу 120 илјади денари и се обезбедени 160 кг кумарински препарати, соопшти Аника Илијевска Ѓорѓиева од Одделението за јавни дејности од Општина Кочани.

Ова е втора дератизација годинава. Првата беше вонредна, по поплавите што се случија пролетва во државава.

На следната седница, пред членовите на Советот на Општина Кочани ќе се најде Програмата за 2016 година, во која за дератизација се планираат 180 илјади денари.