Напредуваат работите за изградба на улицата „Искра“ – крак исток, во населбата Усова Чешма, како една од единаесетте локални улици во рамките на Проектот за подобрување на општинските услуги.
Изведувачот „Ленди груп“, избран според процедурите на Светска банка, деновиве ги поставува рабниците, а за наредниот период е најавено асфалтирање.
Источниот крак од „Искра“ е со должина од 200 м и ширина 5 м. На теренот претходеше уредување на канализациските шахти и изградба на потпорни ѕидови на најголем дел од улицата. Од двете страни на овој крак се проектирани и тротоари со вкупна површина од 481 метар квадратен, коишто ќе бидат поплочени со бетонски павер елементи.
Изградбата на оваа улица чини околу 4 милиони денари.
Паралелно, засилено се одвиваат работите и на улицата „Кирил и Методи“, каде ќе се асфалтираат четири крака во вкупна должина од 732 метри.
Единица за имплементација на проекти од Светска банка при Министерството за транспорт и врски минатиот месец го објави вториот повик со кој се очекува да биде избран изведувач за реконструкција на улиците „Гошо Викентиев“ (243 м) и „Раде Кратовче“ (543 м) во Кочани.