Општина Кочани беше домаќин на Регионалниот форум на тема „Можности и пристап до финансии – битен фактор за женско претприемништво“,  што се одржа во рамките на проектот Национална платформа за женско претприемништво, кофинансиран од Европската Унија.

Форумот го отвори Љупчо Папазов, градоначалник на Општина Кочани, кој ја истакна подготвеноста на единицата на локалната самоуправа да се грижи за економско јакнење на жените.

– Нашата задача, мојата – како градоначалник и на Општина Кочани е да создаваме услови, да ги земаме предвид сугестиите и потребите на бизнисите започнати од жени и да одговараме на предизвиците на дигитализацијата како неодминлив дел од економските текови – истакна градоначалникот Папазов.

На панел-дискусијата учествуваа: Зујица Ангелова, директорка на Центарот за развој на Источниот плански регион, Јасминка Пашалиска-Андоновска – координаторка на Програмата за зачувување на природата на Македонија, Јанка Димитрова, професорка на УГД – Штип и Билјана Митева, управителка на „Екопроект-Ко“ од Кочани.

Според панелистите, една од главните цели е да се работи на зајакнување на капацитетите на граѓанските организации за креирање јавни политики и застапување во областа на женското претприемништво.

Форумот што го реализираше Здружението на бизнис-жени во партнерство со Сојузот на стопански комори на Македонија и Фондацијата за менаџмент и индустриско истражување, го следеа претставнички од граѓански здруженија, приватни компании и јавни институции од општините од Источниот плански регион.