Отворајќи го настанот, градоначалникот на Општина Кочани Владко Грозданов истакна дека локалната самоуправа останува посветен партнер на стопанството, со јасна цел да создава подобри услови за развој на компаниите и за отворање нови работни места.
– Верувам дека силата на Кочани е во нашите луѓе, а особено во младите. Нашата заедничка цел треба да биде тие да ја гледаат својата иднина овде – во својот град. Да создадеме услови за квалитетни работни места, за развој на компаниите и младите да останат, да работат и да ги градат своите семејства токму во Кочани, наместо својата иднина да ја бараат надвор од државата – порача Грозданов.
Заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески ги повика компаниите да ја искористат можноста за субвенционирано вработување на невработени лица, нагласувајќи дека јавниот повик за оваа мерка трае до 24 јули.
– За вработување лица до 29 години се обезбедува поддршка од 250.000 денари, за лица од ранливи категории 220.000 денари, а за лица над 29 години 160.000 денари. Во зависност од големината и видот на компанијата, фирмите можат да добијат субвенции од 850.000 до 1.250.000 денари, односно да вработат до пет невработени лица – истакна Ристески.
Тој информираше дека буџетот за мерката изнесува 5,4 милиони евра, а интересот е голем. До вчера биле поднесени повеќе од 1.700 пријави од невработени лица и над 1.400 апликации од компании.
Според Ристески, мерките за поддршка на нови работни места и самовработување се меѓу најуспешните од Оперативниот план, со реализација од околу 80 проценти, што значи дека најголемиот дел од лицата вработени преку овие програми остануваат во работен однос и по истекот на периодот на субвенционирање.
Целта на активните мерки е да се поттикне отворањето нови работни места, да се обезбеди поддршка за развојот на компаниите и да се придонесе кон намалување на невработеноста.























