Претставници од Општина Кочани ги посетија учениците со посебни образовни потреби од ОУ „Малина Попиванова“, каде во присуство на децата згрижени во Дневниот центар за лица со попреченост од Кочани се одбележа 3 декември, Меѓународниот ден на лицата со попреченост.
За значењето на интеграцијата на лицата со попреченост и активностите по повод празникот, пред присутните говореше дефектологот во ОУ „Малина Попиванова“ Билјана Манчовска, а стручните служби од двете институции организираа работилница со децата.
Меѓународниот ден на лицата со попреченост го одбележа и Меѓуопштинско здружение на лица со телесен инвалидитет од Кочани, Виница, Берово и Делчево, „Мобилност“, чие седиште е во Кочани.
– Нашето здружение е едно од најуспешните во државата според резултатите што ги постигнаа членовите на натпреварите на кои учествуваше „Мобилност“. Идната година ќе реализираме проект со Македонскиот институт за медиуми, со повеќе обуки и работилници со лицата со телесен инвалидитет, а ќе иницираме да се подобри и пристапот на јавни површини и објекти во Кочани, како што е на пример во Поштата и на некои тротоари во Кочани – изјави Горан Војновски, претседател на „Мобилност“ од Кочани.
По повод празникот, Општина Кочани обезбеди соодветна поддршка, како на членовите на Здружението, така и на учениците со посебни образовни потреби од „Малина Попиванова“.
Според нацрт-буџетот за 2019 година, Општина Кочани ги зголемува средствата за Програмата за остварување на социјална заштита за близу 50 %, од кои се планирани средства и за лицата со попреченост.