Управниот одбор на КЈП „Водовод“ од Кочани донесе одлука со која на сите корисници на комунални услуги кои имаат заостанат долг за потрошена вода им се одобрува да го платат долгот без пресметаната камата за задоцнето плаќање.

Ваквата можност да се плати долгот без пресметана камата е со определено времетраење од 3 седмици или до 21 декември 2018 год. и е во интерес на граѓаните што должат, чиј вкупен долг ќе се скрати.

Според одлуката на Управниот одбор, оваа можност не важи за органите на државната и локалната власт и другите државни органи основани согласно со Уставот и со закон, како и институциите кои вршат дејности од јавен интерес утврден со закон, а се организирани како агенции, фондови, јавни установи и јавни претпријатија основани од Република Македонија, како и за Општина Кочани.

Законските мерки предвидуваат физичките лица со неплатени сметки од „Водовод“ да добиваат тужби секоја година, а правните на три години. Податоците на кочанското комунално претпријатие покажуваат дека списокот на домаќинствата што должат е подолг во однос на правните субјекти.